Словенецот Жан Крањец ја постигна првата победа во кариерата за Светскиот куп во ски-алпски дисциплини, откако сензационално го освои велеслаломот во австрискиот зимски центар Заалбах-Хинтерглем.
Дваесет и шест-годишниот Крањец беше едвај четврти по првиот спуст со 1:21.28 минути, но по стабилно возење во вториот стигна до успехот со вкупно време од 2:50.08 минути.
Најдобар настап на натпреварувачот од Словенија во неговата кариера досега беше третото место во Алта Бадија (Италија) во декември 2017 година.
Крањец стана првиот Словенец што победил во велеслалом за Светскиот куп.
Втор на 19 стотинки од секунда заврши Лоик Мејер (Швајцарија), а трет, со 50 стотинки заостанување, заврши Матју Февре (Франција).
Олимпискиот шампион во дисциплината од Пјончанг 2018 и светски шампион, Марсел Хиршер (Австрија) беше петти по првиот спуст. Во вториот, тој возеше многу силно до средината на трасата и имаше предност од 76 стотинки, но потоа загуби доста време и остана шести во конечниот пласман, на 77 стотинки по Крањец.
Хиршнер, кој е седумкратен освојувач на Светскиот куп, ја заврши својата серија од 18 последователни подиуми во велеслалом.
Марсел Хиршер продолжува да води во генералниот пласман за Светскиот куп сезонава со 520 поени, а втор и трет соодветно се Макс Франц (Австрија) со 341 поени и Аксел Лунд Свиндал (Норвешка) со 333 поени.
Во поредокот за малиот кристален глобус во велеслалом, на чело е Хиршер со 420 поени пред Алекси Пинтуро (Франција) со 224 поени и Хенрик Кристоферсен (Норвешка) со 212 поени.
Утре во Заалбах-Хинтерглем претстои слалом за мажи.
Конечен ранг во велеслалом во Заалбах-Хинтерглем:
1. Жан-Крањец (Словенија) – 2:50.08 минути (1: 21.28 минути во првиот спуст и 1:28.80 минути во вториот)
2. Лоик Meјер (Швајцарија) – 2:50.27 (1:21.06 и 1:29.21)
3. Матју Февре (Франција) – 2:50.58 (1:22.18 и 1:28.40)
4. Штефан Луиц (Германија) – 2:50.66 (1:21.83 и 1:28.83)
5. Тома Фанара (Франција) – 2:50.80 (1:22.76 и 1:28.04)
6. Марсел Хиршер (Австрија) – 2: 50.85 (1: 21.47 и 1: 29.38).