Еден од најпопуларните бразилски фудбалски клубови Ботафого од Рио де Женеиро трет пат во својата 116-годишна историја испадна во Втората лига, по поразот од Спорт Ресифе од 1:0.
Ботафого, чиј дрес во минатото го носеа многу славни бразилски фудбалери, вклучувајќи го и легендарниот Гаринча, е во големи финансиски проблеми, што дополнително ги усложни пандемијата на коронавирус.
И покрај неколкуте звучни имиња во актуелниот состав, како Саломон Калу и Кеисику Хонда, клубот од југоистокот на Рио, одигра катастрофално лоша сезона и на крајот го загуби прволигашкиот статус со дури 18 порази на 34 натпревари.
Двократниот бразилски првак, од 1968 и 1995 година, претходно испаѓаше во Втората лига во 2003 и 2015 година, а идната сезона во второлигашката конкуренција друштво ќе му прави уште еден голем бразилски клуб, Крузеиро.