Манипулацијата со технологиите за тестови на емисиите на штетни гасови на дизел мотори се однесува на 1,2 милиони автомобили на чешката автомобилска индустрија „Шкода Ауто“, соопштија од компанијата, јави дописникот на МИА.
„Шкода“ е дел од групацијата „Фолксваген“ која минатата недела призна дека инсталирале софтвер кој овозможува манипулирање со мерење на емисиите на штетни гасови кај околу 11 милиони автомобили во разни земји.
Скандалот беше обелоденет на 18 септември кога германската фабрика за автомобили беше обвинета за фалсификување на резултатите од емисиите на гасови од американската Агенција за заштита на животната средина (ЕПА), за што им се заканува казна до 18 милијарди долари.
Случајот започна минатата недела да се испитува и во некои европски земји и против компанијата се поднесени редица тужби.
Чешкото Министерство за транспорт, минатата недела соопшти дека е подготвено да ги повика на контрола сопствениците на автомобилите „Фолксваген“, вклучувајќи ги и оние на домашната фирма „Шкода“ кои се опремени со ТДИ мотори, со опција да се заобиколат мерењата на емисиите на штетни гасови.
Според Сојузот на увозници на автомобили во Чешка најмногу дизел автомобили се продадени во периодот од 2009 до 2013 година.
Раководството на „Шкода“ минатата недела соопшти дека сега во Европа не користи ТДИ мотори кај кои се откри фалсификување на мерењата на емисиите на гасови, а ги има монтирано во постарите модели на „Фабија“, „Октавија“, „Рапид“ и „Румстер“.
По скандалот оставка поднесе генералниот директор на „Фолксваген“.