Женската ракометна репрезентација на Македонија во СРЦ „Кале“ ги одработува подготовките за последните два квалификациски натпревари за Европското првенство во 2016 година. Македонија в четврток е домаќин на Црна Гора, а в недела гостува кај Хрватска.
Селекторот на нашата женска репрезентација Симе Симовски, од самиот почеток на подготовките се соочува со проблеми со повредени ракометарки. Од тие причини ги нема: Зорица Десподовска, Габриела Величковска и Ангела Тодоровска. Денешниот претпладневен тренинг го прескокнаа поради повреди Елена Ѓорѓиевска и Дајана Јовсновска, но сепак селекторот очекува тие да бидат во тимот на дуелот во четврток.
– Црна Гора и Хрватска се фаворити. Во текот на викендот одработевме добри тренинзи, но секако намалениот ростер е пречка за воигрувањето. Посакувам да се претставиме во добро светло како на последниот дуел со Словенија (пораз во Скопје 21:22) барем на еден од двата натпревара. Да немаме многу технички грешки. Сепак ќе биде тешко дека е крај на сезоната покрај физички тоа се однесува и на психички план. Овој квалификациски циклус е еден вид селективен за оваа селекција, изјави Симовски.
Македонија е на последното место во групата 4, каде покрај нашите ривали Црна Гора и Хрватска е и селекцијата на Словенија. Овие три репрезентации водат борба за пласман на ЕП во Шведска.