Подмладената женска ракометна репрезентација на Македонија немаше сили за успех против Шпанија. Гостинките синоќа во СРЦ „Кале“ остварија победа од 27:21 (14:11). По почетното водство на Македонија, Шпанија ги користеше грешките на нашата репрезентација и поведе 10:6.
По добрата игра на почетокот на вториот дел Македонија повторно изедначи 15:15 (40.минута). Шпанија брзо се созеде и направи ново водство од 22:19, кое до крајот само го зголемуваше.
Во редовите на Македонија, Елена Ѓорѓиевска со шест голови беше најефикасна но имаше и многу технички грешки, а Билјана Црвенкоска и Робертина Мечевска постигнаа по 4. Кај „црвената фурија“ Кабрал постигна седум голови.
Пред натпреварот раководството на РФМ реши да го искористи токму бараж дуелот со Шпанија на Тања Андрејева и на Јулија Николиќ да им додели специјални благодарници за нивниот придонес за големата афирмација на женскиот ракомет во нашата земја.
Реванш бараж натпреварот за пласман на Светското првенство во Србија се игра на 7.јуни (петок) во Сорија.
На другите два натпревара одиграни синоќа: Франција – Хрватска 18:18 и Словачка – Романија 21:23.
Денеска се играат натпреварите: Турција – Данска, Исланд – Чешка, Холандија – Русија, Германија – Украина и Шведска – Полска.