Фудбалската правда вечерва беше задоволена. Репрезентацијата на Шпанија по вторпат во својата историја ја освои светската титула, откако во финалето на Светското првенство, одиграно на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, по продолженија ја совлада Аргентина со 1:0.
Европскиот шампион од самиот почеток покажа дека дошол да игра фудбал, за разлика од Аргентина, која речиси цел натпревар беше насочена кон одбрана и прекинување на играта. Избраниците на Лионел Скалони првиот удар во рамките на голот го упатија дури во 117. минута, оставајќи впечаток на целосно инфериорен противник.
Херој на Шпанија беше Феран Торес, кој во 106. минута, односно на самиот почеток од второто продолжение, го постигна единствениот погодок што ја донесе светската круна.
Шпанците одлично го отворија натпреварот и уште во 4. минута Ламин Јамал се најде сам пред Емилијано Мартинез, но аргентинскиот голман одлично интервенираше. Неколку минути подоцна Јамал повторно се закани, но неговиот удар беше блокиран.
Во продолжението на првото полувреме темпото опадна, а следната вистинска можност дојде во 39. минута кога Микел Ојарсабал шутираше од добра позиција, но Мартинез повторно беше на висина на задачата.
Дополнителен проблем за Аргентина се случи во самиот финиш на првиот дел, кога поради повреда теренот го напушти Лисандро Мартинез, а на негово место влезе Николас Отаменди.
До паузата Шпанија имаше уште една добра шанса преку Марк Кукуреља, чиј удар од дваесетина метри заврши покрај стативата.
Во второто полувреме целосната доминација на Шпанија продолжи. Во 56. минута Дани Олмо одлично продре по десната страна, но Гонзало Монтиел во последен момент исфрли во корнер пред Кукуреља.
Најголемата можност во регуларниот дел дојде во 67. минута кога Јамал центрираше, а Торес од непосредна близина со глава шутираше право во Мартинез.
Аргентинскиот голман продолжи да биде најдобриот играч на својот тим. Во 77. минута го одбрани ударот на Педри, веднаш потоа и шутот на Поро од далечина, а во 81. минута со спектакуларна интервенција на самата гол-линија го запре и ударот со глава на Лапорт.
Аргентина речиси и да не создаваше опасност. Дури во 93. минута имаше редок обид, но голманот Унаи Симон без проблем ја собра топката.
На спротивната страна Нико Вилијамс силно шутираше од околу 16 метри, но Мартинез повторно блесна. Во самиот финиш на регуларниот дел Шпанија остана со играч помалку, откако Енцо Фернандез заработи втор жолт картон по остар прекршок на средината од теренот.
Во осмата минута од судиското продолжение Ламин Јамал одлично изведе слободен удар од околу 23 метри, но Мартинез уште еднаш го спаси својот тим и го одведе натпреварот во продолженија.
И во дополнителните 30 минути аргентинскиот чувар на мрежата продолжи со извонредните интервенции. Најпрво го одбрани ударот со глава на Вилијамс од непосредна близина, а потоа во 103. минута Микел Мерино со глава шутираше покрај стативата.
Одлуката падна во 106. минута. Нико Вилијамс мајсторски ја врати топката со глава по центаршут од десната страна, а Феран Торес од околу седум метри силно ја испрати под пречката за водство од 1:0. Тоа беше дури 20. удар на Шпанија кон противничкиот гол.
Аргентина дури во 117. минута го упати својот прв удар кон голот. Само една минута подоцна Маркос Сенеси пропушти огромна можност за израмнување, откако во последен момент шпанската одбрана интервенираше пред гол-линијата.
Во 122. минута и Џовани Симеоне имаше добра шанса од десетина метри, но ја испрати топката над голот.
До крајот резултатот остана непроменет и Шпанија заслужено ја освои својата втора светска титула, по онаа од 2010 година во Јужноафриканската Република, кога во финалето ја совлада Холандија.
Финале на Светското првенство:
Шпанија – Аргентина 1:0
Стрелец: Феран Торес (106′)
