Американката Михаел Шифрин е победничка на денешниот слалом од Светскиот куп што се возеше во Кран Монтана.
Таа по двете возења имаше најдобро време, а беше водечка и по првата трка. Шифрин оствари резултат од 1:29.20 минута, додека Настасија Ноен од Франција имаше заостанување од 45 стотинки. Мари-Мишел Гањон од Канада го освои третото место. Ова за 20-годишната Шифрин беше 18.та победа во кариерата.
Поради лошото време оваа трка беше вчера откажана. Американката Шифрин по двомесечна пауза се врати на скијачките патеки и веднаш триумфираше. Таа поради повреда на лигаментите на коленото отсуствуваше.
– Беше навистина тешко. Но, горда сум на победата, изјави Шифрин.
По осумата трка во пласманот за слалом води Фрида Хансдотер од Шведска со 545 бодови, додека втора е Вероника Зузулова од Словачка со 446 бодови. Во генералниот пласман по 26.трки води Американката Линдзи Вон со 1060 бодови, Лара Гут од Швајцарија е втор со 973 бодови, додека третопласирана е Викторија Ребенсбург од Германија со 820 бодови.