Игор Стефановски – Иџе е спортистот кој ја одбележа 2014 година. Остварувајќи го најголемиот успех во историјата на македонскиот автомобилизам, со освојувањето на шампионатот на ридски патеки во категорија 1, Иџе својата најуспешна сезона во кариерата ја документираше во „Патот до европскиот врв“, кој ќе ја има својата премиера на 4 февруари, со почеток во 19 часот, во „Синеплекс“.
– На мое огромно задоволство, годината во која го постигнав најголемиот успех, европски шампион на ридски патеки, доби своја екранизација во која се појавуваат луѓе кои се заслужни за успехот и за развојот на мојата кариера. Сезоната беше исполнета со многу победи, но и со тешки моменти кои, благодарение на моето семејство, соработници и спонзори, успеав да ги надминам и да го постигнам најголемиот успех што еден Македонец го остварил во автомобилизмот. Сите подеми и падови се документирани во филмот, кој ќе остане убаво сеќавање за овој голем успех – вели Иџе.