Ракометарките на Норвешка ја одбранија титулата шампионки на Европа откако во финалето на Европското првенство во Шведска ја совладаа Холандија со 30:29 (15:15).
Ова за Норвешка беше 10-то финале и по седми пат го освојуваат златниот медал. Холандија го освои првиот медал на Европските првенства.
Во финалето холандските ракометарки во финишот на првиот дел имаа предност од 13:9, но Норвежанките со серија од 5-0 направија пресврт. На полувремето ниту една репрезентација немаше предност 15:15. Во вториот дел Норвешка постепено создаваше предност и во 46.минута ги имаше највисоките 26:21. Холандија имаше шанса за нерешен резултат, но во последните секунди холандските ракометарки не упатија удар кон противничкиот гол.
Нора Мерк со 12 голови беше најефикасна на финалето, а таа е и најдобар стрелец на шампионатот со 53 голови. Ракометарката на ЖРК Вардар, Камила Херем во финалето беше стрелец на 4 голови за Норвешка, а се најде и во изборот на „ол стар“ тимот на шампионатот на позицијата лево крило.
Признанието најдобра ракометарка го доби Корнелија Грос од Холандија.
Во натпреварот за 3-то место Франција ја победи Данска со 25:22, што за француската селекција е вкупно трет бронзен медал на европските првенства.
Следното Европско првенство 2018 година ќе се одржи во Франција.