Поголем број нови автомобили трошат за 30 отсто повеќе гориво во однос на декларираната потрошувачка, покажуваат тестовите што ги спроведе „Emissions Analytics“.
Голем број возачи се соочуваат со непријатниот факт дека нивните четири тркала се „многу пожедни“ на патот отколку што тоа го тврдат производителите во нивните брошури. Најголем „виновник“ за тоа е важечкиот начин на тестирање на потрошувачката, што се спроведува во идеални лабораториски услови.
Но, кога потрошувачката се мери во реални услови на возење, сепак, се добиваат многу поинакви бројки, што се поголеми и до 45 отсто. Во текот на испитувањата што ги спроведува „Emissions Analytics“, тестирани се 60.000 автомобили. Потрошувачката е мерена со помош на мобилна опрема поставена на возилата што се движеле во реални сообраќајни услови.
Резултатите практично се поразувачки за сите производители на автомобили и нивните модели – освен за два. Имено, се покажа дека само „Астон Мартин Винтаџ“ и „Нисан 370Z“ навистина ја постигнуваат фабрички декларираната потрошувачка, а таа е дури и нешто пониска во однос на официјалните податоци на производителот (кај „Астон Мартин“ за пет отсто, a кај „Нисан“ за еден отсто).
Од друга стрна, во ова испитување најлошо помина „ФИАТ 500“. Неговата реална потрошувачка е за 45 отсто поголема од фабричката.
Не се прославија ниту некои други популарни модели како што се „Форд Фиеста“ и „Форд Фокус“, „Тојота Јарис“ и „МИНИ, кои трошеле 40 отсто повеќе од декларираните податоци.
Многу дизелаши, меѓу кои и „Голф“ и „Пежо 308“, чиј најголем адут е токму ниската потрошувачка, исто така, ги пречекорија фабричките податоци за 40 проценти. Најмали отстапки забележани се кај „Хонда Цивик“ (+21 отсто) и „Цитроен C3“ (+28 отсто).
Со цел да се намалат разликите меѓу декларираната и вистинската потрошувачка во Европа во 2017 година се воведува нов начин на мерење. Иако и понатаму мерењето ќе биде врз основа на лабораториски услови, овој тест ќе биде помериторен од последниот.
Додека сега разликата во просек е 30 и повеќе проценти, благодарејќи на новиот тест, таа ќе биде преполовена, проценуваат експертите, па отстапувањата не треба да изнесуваат повеќе од 10-15 отсто.
Тие, сепак, истакнуваат дека новите модели треба да се тестираат во реални услови во сообраќајот, на патишта каде има и надолнина и угорнина, кривина и вклучени клима-уреди, така што корисниците добиваат реална претстава за тоа колку нивниот иден автомобил навистина троши гориво, наместо да се доведуваат до заблуда.