Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Змаго Сагадин на претпладневната прес-конференција рече дека неговиот тим ќе оди на победа на неделното гостување во Подгорица.
– Будуќност е голем фаворит и е една од најсилните екипи сезонава во АБА лигата. Ангажираа квалитетни играчи и нивната цел годинава е да изборат пласман во Евролигата. Од друга страна ние во Подгорица одиме растоварено и без императив победа за разлика од дома кога на секој натпревар сме под притисок да ги освоиме двата бода. Тоа е нашата предност на овој дуел. Не одиме со бело знаме, напротив МЗТ на секој натпревар ќе игра на победа, а така ќе биде и со црногорскиот тим, изјави словенечкиот тренер.
Предводникот на македонскиот шампион нагласи дека играта на Будуќност и нивните силни страни се добро анализирани, а од неговите избраници очекува да го задржат трендот на напредок посебно во одбраната.
– Од натпревар во натпревар ги поправаме слабостите. Одбраната ја подобруваме. Ни фали брзина при транзицијата и прецизност во напаѓачките акции. Ако тука се поправиме и ако воспоставиме рамнотежа под кошевите, мислам дека и на овој натпревар ќе го спуштиме противникот на под 70 поени што е добар предуслов за наш триумф, потенцира Сагадин.
Според капитенот на „штрковите“ Урош Луиќ Будуќност е фаворит на хартија, но МЗТ Скопје нема што да изгуби, и како што рече, со победата против Задар во вторникот мотивот за добар резултат кај неговите соиграчи е поголем.
Натпреварот Будуќност – МЗТ Скопје Аеродром од 3.коло во регионалната кошаркарска АБА лига ќе се одигра в недела во Подгорица со почеток во 21 часот.