Пилотот на Мерцедес, Луис Хамилтон минатата година ја освои својата четврта светска титула во Формула 1 и во 2018 се подготвува за напад на петтата.
Нико Розберг, кој беше тимски колега на Британецот четири години, смета дека тој не може да биде запрен од никого, кога го дава најдоброто од себе.
Германецот сепак, смета дека пилотите треба да ја користат секоја можност што ќе им се укаже во текот на сезоната.
– Слабоста, која ја има Луис Хамилтон, е непостојаноста. Тој има периоди во кои едноставно не е Луис. Ако успееш да нападнеш токму тогаш и да го извлечеш најдоброто од ситуацијата, тогаш ќе го сопреш, изјави Роберг за вестите на „Скај Спортс“.
Розберг додаде дека Фетел го направил токму тоа минатата година. Според него, Валтери Ботас треба да дејствува на ист начин, а тој има потенцијал да го стигне.
– Кога Луис има добри викенди, тој е речиси непобедлив, бидејќи е неверојатно брз и можеби најдобриот воопшто. Но сепак се откриваат можности, вели Нико Розберг.