Производителот на луксузни автомобили „Ролс-Ројс“ во 2014 година продаде рекордни 4.063 возила, благодарение пред се на растот на продажбата во Северна Америка и на Блискиот исток.
Компанијата „Ролс-Ројс“, која се наоѓа во сопственот на групацијата „БМВ“, во 2014 година испорача 12 отсто повеќе автомобили отколку во 2013 година, се наведува во соопштенитето на компанијата, чии модели се продаваат по цена и поголема од 200.000 евра, јави Би-Би-Си.
Од овој производител истакнуваат дека првпат за 111 година постоење е надмината симболичната граница од четири илјади продадени возила во една календарска година.
Најголем раст во продажба на „Ролс-Ројс“ имаше во Северна Америка (30 отсто) и во регионот на Блискиот исток (20 отсто).
Компанијата забележа рекордна продажба иако во 2014 година не лансира нов модел, но понудата беше збогатена со неколку специјални ограничени серии како што беше „Rolls-Royce Ghost“ со ознаката „V-Specification“, а моделот го продаваше по цена од околу 330.000 евра.
Во однос на стандардната верзија, овој автомобил има за 30 „коњи“ помоќен 6.6-литарски V12 мотор, што произведува 601 кс.
Освен него, на пазарот се појави и „Rolls-Royce Phantom Waterspeed“, а на него му се израдуваа 35 избрани клиенти. Автомобилот му е посветен на сер Малколм Кембел, кој во првата половина на 20-от век соборувал брзински рекорди на вода со помош на моторите на „Ролс-Ројс“ што биле наменети за чамци.
Под хаубата се наоѓа стандарден 6.75-литарски V12 мотор со 460 кс (338 kW ) i 719 Nm максимален вртежен момент.
– Компанијата пред крајот на годината го претстави и специјалниот „Phantom Drophead Coupe“ и за него ја доби ознаката „Махараџа“, во чест на богатите индиски владетели.
„Ролс-Ројс“ во 2014 година имаше успех и во флотната продажба.
Така овој произведител потпиша договор со хотелот Луј XIII од кинескиот град Макaо за испорака на 30 специјално опремени примероци на моделите „Фантом“ во вредност од 20 милиони долари што поединечно е најголема нарачка на автомобилите „Ролс-Ројс“ во историјата на компанијата.