Роџер Федерер ја потврди најавата дека ќе се повлече од Ролан Гарос. Швајцарецот играше до 1 часот по полноќ и по победата против Германецот Копфер најави дека размислува за повлекување од турнирот.
„По консултациите со мојот тим морам да потврдам дека нема да продолжам на турнирот. По две операции на коленото и по цела година пауза и рехабилитација морам да го слушам своето тело. Мило ми е што одиграв три меча на Ролан Гарос. Не постои поубаво чувство од кам-бек на терен, но морам за жал да го прекинам учеството на турнирот“, објави Федерер.
— Roger Federer (@rogerfederer) June 6, 2021
Роџер ќе наполни 40 години во август, има 20 гренслем титули што е рекорд, кој го држи заедно со Надал, а Ролан Гарос го освои само еднаш во 2009 година.
Без борба во четвртфиналето по откажувањето на Федерер се пласира Матео Беретини и тој ќе го чека победникот од дуелот меѓу Ѓоковиќ и Мусети за пласман во полуфиналето на гренслемот во Париз.