Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер го победи Американецот Енди Родик со 6:3 денес во егзибициски натпревар во Њујорк пред почетокот на Отвореното првенство на САД.
Американските медиуми објавуваат дека егзибицискиот натпревар, кој беше најавен под слоганот „Икона се враќа во Њујорк“, привлече голем број гледачи. Федерер, кој ја заврши својата играчка кариера во септември 2022 година, беше пречекан со овации на стадионот „Артур Еш“ во Њујорк. Швајцарецот има освоено 20 трофеи од Гренд слем во својата кариера.
Федерер одигра еден сет против Родик, победувајќи со 6:3. Швајцарецот потоа, во пар со Џон Мекенро, ги победи Родик и Андре Агаси со 7:5 во двојки.
„Одлично е што сум повторно во Њујорк. Очигледно имам неверојатни спомени од овој терен, навивачите и самиот град. Сè започна во 2004 и 2005 година. Тогаш се роди мојата љубов кон Њујорк, благодарение на победите што ги постигнав тука“, рече Федерер, кој последен пат одигра натпревар на Отвореното првенство на САД во 2019 година.
Федерер освои пет последователни титули на Отвореното првенство на САД, од 2004 до 2008 година.
