Пилотот на Ред Бул, Даниел Рикардо ги негираше извештаите дека има прелиминарен договор со Ферари.
Австралиецот е поврзуван за премин во различни тимови по своите силни настапи за „биковите“, но тврди дека досега зборувал само со својот сегашен тим.
– Досега зборував само со Ред Бул. Од минатата година, ние сме отворени и искрени еден кон друг. Тие сакаат да ме задржат и ние зборуваме за тоа. Секако дека слушам гласини, но во нив нема ништо точно, барем досега, сподели Рикардо на прес-конференцијата во Баку пред Гран При на Азербејџан.
Од Ред Бул веќе најавија дека сакаат одговор од негова страна дали ќе остане до август, а тој повторно истакна дека сака да биде во тим во кој може да се бори за титулата.
– Мојата цел е да бидам во позиција да се борам за титулата. Ова не значи дека во моментов не сум на такво место и затоа е потребно повеќе време, бидејќи се уште е рано за општи заклучоци. Ја освоивме последната трка, што беше одлично, но ни требаат повеќе победи за да бидеме во подобра позиција, па ќе почекам. За мене, ова е приоритет, а не финансиската страна, рече австралискиот пилот.