Ридско-брзински автомобилистички натпревар се реализира во Кавадарци, по осум години пауза.
Авто мото клубот Скопје е организатор на натпреварот, во соработка со Автомобилистичката федерација, кавадаречката општина и неколку фирми. Ова е четврта трка која годинава се бодува за Државниот шампионат во автомобилизам на ридски патеки. Патеката е долга пет километри и триста метри, се стартува од брана Моклиште и се вози до висорамнината Витачево.
Дваесет и четири учесници од различни клубови кои се натпреваруваат со возила во различни категории, денеска дојдоа на технички преглед, ја поминаа верификацијата и имаа тренинг сесија. Главното натпреварување ќе биде утре, а ќе се натпреварува и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
-Тоа е прв градоначалник и прв политичар во државата што влегува во овие води професионално, член е на клубот. На Балканот, тоа го оствари белградскиот градоначалник, а еве и кавадаречкиот. Има и двајца гости од соседна Бугарија, со што на настанот му се дава меѓународен карактер, рече Мојсие Милосавлевски, директор на трката, изразувајќи надеж дека се ќе помине во најдобар ред.
Ги одбрале токму Витачево и Кавадарци, бидејќи, како што нагласи, ова е одлична, атрактивна и многу убава патека, ја знаеле и во соседството. Сакаат во иднина да прерасне во патека која ќе привлече и странски натпреварувачи, ќе се бодува и за европските шампионати и да прерасне во традиција која нема да прекинува.
-Ништо не е тешко, ако се има желба за постигнување. Единствена цел ми е да го поттикнеме спортот на повисоко ниво. Јас сум љубител на автомобилизмот, моторциклизмот, воопшто на спортот. Конкуренцијата е доста голема. Нема да се борам за којзнае какви резултати, сакам да го поддржам настанот. Но, не е лошо и да се има некој подобар резултат, рече тој.
Јанчев се заблагодари на Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за патишта и Македонија пат, за санирање на делови од патеката, за кои претходно имало забелешки од организаторот.
Кавадарчани се задоволни што авто мото спортот се враќа, а со него и адреналинот и високите октани.