Тренерот на Вардар, Раул Гонзалез и централниот бек Игор Карачиќ, на прес-конференцијата по поразот од Веспрем изразија жалење, бидејќи не успеале да им овозможат радост на домашните гледачи кои направија одлична атмосфера во салата во СЦ „Јане Сандански“.
– Веспрем денеска беше подобар, играше многу добар меч и заслужи победа. Во првото полувреме одигравме добро во првите 15 минути, и водевме со два разлика, но имавме проблеми во нападот, и не искористивме многу шанси. Веспрем го користеше секој свој напад и направи разлика. На полувремето разговаравме со играчите и на почетокот на второто полувреме се вративме и изедначивме. Сакам да им се заблагодарам на моите играчи. Беше 4-5 разлика за противникот и тие повторно се вратија и имавме шанса и да победиме, но Веспрем беше одличен во последните минути. Жал ми е за навивачите, затоа што направија одлична атмосфера денеска, рече Раул и додаде дека не е ништо готово.
– Ова беше само прво полувреме, треба да се фокусираме на вториот натпревар, знаеме дека ќе биде многу тешко. Треба да работиме и да се подобриме, затоа што нашиот напад не беше како што посакувавме.
Благодарност за поддршката што ја дадоа навивачите искажа и организаторот на играта на „црвено-црните“.
– И благодарам на публиката, не само на Комитите туку на сите што ја направија оваа одлична атмосфера. Навистина ми е жал, не само за нас, туку особено за нив. Јас сум карактер кој сака да ја крене главата и да подобри се што беше лошо, за во вториот меч и можеби да ги вратиме шансите за полуфинале. Не знам што беше причината за поразот, можеби нивните голмани фатија многу топки, можеби промашивме многу зицери, истакна Карачиќ.
Вардар во првиот дуел од четвртфиналната пресметка во Лигата на шампионите попладнево загуби од Веспрем со 29:26.