По поразот од „Будуќност“, ракометарките на македонскиот првак Вардар СЦБТ попладнево го играат натпреварот за 3 место на „фајнл фор“ турнирот во Будимпешта.
Противник ќе им биде екипата на дански „Митјиланд“, против кои „вардарки“ одиграа два натпревара во главната фаза од групите на Лигата на шампионите. Во Скопје, Вардар победи со 24:23, додека во Данска беше 25:24 за противничките.
По вчерашниот дуел со Будуќност (пораз по продолжение 20:22) во редовите на Вардар СЦБТ неизвесно е дали ќе настапи најдобрата светска ракометарка Андреа Лекиќ, која доби удар во дијафрагмата од колешката од репрезентацијата (Србија) Драгана Цвијиќ.
– Толку силно ме удри во дијафрагмата што 30 минути ми се повраќаше. Ова беше намерно удирање. Никогаш досега не сум реагирала на вакви дуели, но ова ги премина сите мерки. Па уште и судењето, изјави Лекиќ по натпреварот.
Лекиќ се наоѓа на второто место на листата на стрелци со 74 голови, веднаш зад Анита Горбич со 80.
Дуелот Вардар СЦБТ – Митјиланд почнува во 14:30 часот, додека финалето во „Ласло Пап Арена“ меѓу Ѓер и Будуќност почнува во 17 часот.