Женската ракометна репрезентација на Македонија ги почна подготовките за двата квалификациони натпревара за Светското првенство 2015 со Италија.
Селекторот Ристо Магдинчев, синоќа на првиот тренинг имаше 18 ракометарки на располагање. Последна на селекцијата треба да и се приклучи Елена Ѓорѓиевска, која за својата екипа Бара Маре (Романија) вчера играше првенствен натпревар. Ѓорѓиевска денеска ќе патува за Скопје, а утре треба да се приклучи на тренинзите.
Според програмата репрезентативките ќе тренираат двапати дневно во СРЦ Кале.
Првиот натпревар Македонија – Италија се игра в четврток (9 октомври со почеток во 17:45 часот), а реваншот е на 12 октомври во Италија.
Покрај овие две селекции во групата е уште и репрезентацијата на Исланд.