Ракометната репрезентација на Македонија вечерва го одработи последниот тренинг пред утрешниот старт од квалификациите за Европското првенство 2018 година што ќе се одржи во Хрватска.
Во Скопје ќе гостува Украина, а од нашиот табор посакуваат победа на стартот на новиот квалификациски циклус.
Капитенот Кирил Лазаров во пресрет на утрешниот натпревар изјави дека очекува победа на дуелот со Украина, а потоа и пласман на Европското првенство.
– Ова е нов квалификациски циклус. Примарна цел е да се пласираме на Европското во Хрватска, но ова е нешто сосема поинаку од она што не очекува за два месеци на Светското првенство во Франција. Пласманот на Европското е добар и од причина што е во Хрватска, каде во 2009 година на Светското постигнавме успешни резултати со помош и на нашите навивачи. Не смее да има изненадувања. Украина може да биде незгоден ривал. Тоа е млада селекција, но добро селектирана. Ние сме во изменет состав, но верувам во нас и очекувам прва победа и потоа пласман на ЕП, рече Лазаров.
Поради клупските обврски Дејан Манасков се приклучи меѓу последните.
– Ова е неатрактивна група со Украина, Чешка и Исланд. Но никого не смееме да потцениме. Ќе одиме натпревар по натпревар. Имавме два дена за подготовка за Украина и на терен треба да покажеме дека сме подобри од нив и да почнеме со два бода, изјави Манасков.
Натпреварот Македонија – Украина се игра утре во „ВИП Арена“ во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 18:30 часот.