Екипата на Мерцедес е старо-нов шампион во Формула 1 во конкуренција на конструктори, бидејќи на денешната трка во Сочи освои доволно бодови да биде недостижна за ривалите.
Голем придонес Мерцедес да стигне до трофејот на четири трки пред крајот има возач на Ферари, Кими Раиконен, кој во последниот круг го удри Валтери Ботас од Вилијамс. Поради инцидентот Финецот, кој ја заврши трката на петтото место, доби казна од 30 секунди и падна на осмото место и освои само четири поени.
Затоа сега Мерцедес има недостижни 531, а Ферари 365 поени, во пресрет на трката за Големата награда на Америка.
Веќе на таа трка (Остин 25 октомври) возачот на Мерцеес Луис Хамилтон може да ја одбрани титулата доколку освои 11 бодови повеќе од Фетел и два повеќе од клупскиот колега Нико Розберг.