Финскиот возач од тимот на „Лотус“ во Формула 1, Кими Раиконен на синоќешната трка во Канада го освои 9.место и со новите два бода го изедначи рекордот на Михаел Шумахер од 24 последователни трки на кои освојувал бодови.
– Лошо стартував, потоа дојдоа проблемите со кочниците поради кои изгубив многу време и не можев да ги престигнувам конкурентите. На сето тоа се надоврзаа и малите проблеми во боксот и само ми преостана да не дозволам да ме поминат тие што беа зад мене. За подобар пласман од деветта позиција едноставно немав технички можности. Не сум задоволен со резултатот, а што се однесува до рекордот што го држеше Шумахер многу не ме интересира. Моја цел е освојување на повеќе бодови, изјави Раиконен.
На синоќешната трка во Канада победи Себастијан Фетел, пред Фернандо Алонсо и Луис Хамилтон.
Во Генералниот пласман води Фетел со 132 бода, пред Алонсо со 96, а Кими Раиконен има 88 на третото место.