Откако вчера загуби на гостувањето кај Прилеп со 26-23 екипата на Работнички попладнево ќе го пречека Металург во натпреварите од 4.коло на плејофот, односно, разигрувањето за шампионската титула во ракометниот шампионат на Македонија.
Работнички, кој на почетокот на сезоната најавуваше високи амбиции, се уште ја нема остварено првата победа во плејофот. Од друга страна Металург забележа две победи (против Охрид и Прилеп) во исто толку одиграни натпревари, па за очекување е тимот од Автокоманда да продолжи во ист ритам пред дербито со шампионот Вардар закажано за среда, 4 мај.
Дуелот Работнички – Металург ќе се игра попладнево со почеток од 18 часот во Автокоманда.
Вториот меч од ова коло меѓу Прилеп и Охрид е закажан за во сабота, додека мечот Макс Струмица – Вардар е одложен поради настап на црвено-црните во Лигата на шампионите, односно реванш четвртфиналниот меч со Веспрем кој ќе се игра во сабота.
Табела – плејоф: Макс Струмица 9 бодови, Вардар 6, Металург 6, Прилеп 3, Работнички 0 и Охрид 0.