Првиот тим на ЖРК Вардар очекувано славеше победа во дуелот со помладата екипа на овој ракометен колектив и се пласира во финалето на Купот на Македонија.
Во вториот меч од полуфиналето во женска конкуренција одигран попладнево во СРЦ „Кале’’ првата екипа на ЖРК Вардар славеше победа со 39:26.
Теодора Керамичиева од помладиот вардаров тим беше најефикасна на мечот, со осум гола, а Олга Черноиваненко постигна шест кај победниците.
Вардарки во дуелот за трофејот во националниот куп, ќе се играат против тимот на ЖРК Металург кој во првиот полуфинален меч беше убедливо подобар од Пелистер со 44:19.
Завршницата на 23-тото издание на ракометниот Куп на Македонија е денеска, во СЦ „Јане Сандански’’, каде ќе се играат двата финални натпревари.
Најнапред, дамите ќе го започнат своето финале во терминот од 15 часот, а од 19 часот и 30 минути закажан е почетокот на машкото финале меѓу Вардар и Металург.