Во Скопје денеска беше промовирана првата станица за полнење на електрични возила во Македонија, која ќе придонесе за зголемување на употребата на возила од ваков вид во нашиот регион и за маркирање на зелената патека низ Балканот.
На промоцијата што се одржа во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа во Скопје присуствуваше и министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири.
– Одговорен однос кон животната средина, покрај другото, значи и иновативен пристап во употребата на нови технолошки решенија. Еко-иновациите ќе станат клучни за економскиот пораст, конкурентноста и вработувањето. Клучот за креирање на нови работни места, економски пораст и благосостојба на населението е во ефикасните еколошки иновации, што бара високи стандарди за заштита на животната средина, комбинирано со широк опсег на други економски инструменти, рече министерот Изаир во поздравниот говор на промоцијата.
Тој посочи дека употребата на новите генерации возила ќе придонесе кон намалување на негативното влијание од емисиите на штетните супстанции во воздухот и атмосферата.
– На ниво на државава, секторот сообраќај учествува со 24 отсто во емисијата на азотните оксиди, 34 во емисии на јаглерод моноксид, и 16 отсто во емисии на испарливи органски супстанци. Емисиите од патниот сообраќај имаат негативно влијание врз човечкото здравје и претставуваат главен еколошки проблем во густо населените урбани средини, нагласи Изаири.
Имајќи го предвид наведеното, потенцира, сметам дека е потребно е да се преземат соодветни мерки за намалување на емисиите на загадувачките супстанци од секторот сообраќај.
– Мудриот избор на видот на превозното средство е одлука која зависи од нас самите и која придонесува кон „здрава“ животна средина. Со својот избор се грижиме и за нашите поколенија и ја докажуваме својата одговорност, подвлече Изаири.