Светски познатиот снукер професионалец и еден од петте најквалитетни снукер тренери во светот – Најџел Бонд гостува во Скопје.
Во текот на престојот, во „Гран Клуб снукер школата“ познатиот професионалец ќе одржи едукативни работилници и егзибициони натпревари со најдобрите македонски снукер играчи.
Утре од 18 часот Бонд ќе има натпревари со македонски играчи, в среда од 10 часот ќе одржи индивидуални тренинзи во кои воедно ќе земат учество јуниорски снукер клубови и веќе етаблирани снукер професионалци од регионот, додека за в четврток од 18:30 часот е закажан дуелот меѓу Најџел Бонд и победникот на годинешниот домашен снукер турнир „Gran Jack 2017“.
Бонд своевремено беше во топ 5 играчите во светот, освојувач е на повеќе рангирачки турнири, финалист на Светското првенство во 1995 година и светски првак во категорија на сениори за 2012 година, како и освојувач на Првенството на Велика Британија. Последнава натпреварувачка сезона е двапати полуфиналист на два рангирачки турнира во Гибралтар и Индија. Во моментов Бонд е еден од најбараните професионални снукер тренери во светски рамки.
Снукерот во Македонија последниве години бележи напредок во омасовувањето и професионализацијата. Во 2014 година основана е и првата билијард и снукер школа, чија цел е популаризација на овие спортови кај помладата популација и создавање играчи кои успешно ќе ја претставуваат Македонија на интернационалните турнири.