„Шкода“ во првaтa полoвина од 2013 година на купувачите им испорачала 464.600 возила, што е за 5,8 проценти помалку отколку во истиот период од 2012 година.
Според челниците на компанијата, на пониската продажба влијаело почнувањето на производството на новите верзии од моделите „Октавија“ и „Суперб“, односно намалувањето на интересот за старите модели во пресрет на појавувањето нови.
Јуни 2013 година, според продажбата, бил втор најдобар месец во историјата на компанијата.
„Шкода“ во овој период произвела 87.400 автомобили и го зголемила својот удел на европскиот пазар за 0,2 отсто, на 4,1 отсто пренесоа чешките медиуми.
Во втората половина на годината компанијата очекува натамошен раст на продажбата, иако економските услови, особено на европските пазари, остануваат и натаму многу неповолни, изјави претседателот на Управниот одбор на „Шкода“, Винфрид Валанд.
„Шкода“ во јуни во земјите од западна Европа пласираше 35.700 возила, 0,4 отсто повеќе отколку во јуни 2012 година. За првите шест месеци се продадени 186.200 возила, што е пад од 4,7 отсто во однос на истиот период во 2012 година.
Во источна Европа продажбата во јуни е зголемена за 0,8 отсто на 12.500 возила, а во првите шест месеци е намалена за 9,4 отсто на 59.100 автомобили.
Продажбата во средна Европа е опадната и во јуни за 1,6 отсто на 11.500 возила, а во првото полугодие за 7,6 отсто на 61.600 автомобили.
„Шкода“ од јануари до јуни забележила пад во продажбата дури и на чешкиот пазар и тоа за 7,6 отсто на годишно ниво, на 28.300 возила.
На најголемиот поединечен пазар во Кина, во јуни се продадени 21.200 возила, што претставува раст од 5,2 отсто на годишно ниво, но во првите шест месеци и таму е забележен пад во продажбата од 0,4 отсто на 120.200 автомобили.
„Шкода“ планира до 2018 година да достигне производство од 1,5 милион возила годишно, а до 2015 година да ја обнови комплетната гама на свои модели.
Вкупниот удел на „Шкода“ на светскиот автомобилски пазар во 2012 година беше 1,4 отсто.