Македонскиот шампион Вардар изминатиот викенд ја освои втората титула во СЕХА Гаспром Јужен Тек лигата. По завршување на финалето ракометарот на Вардар и македонски репрезентативец Немања Прибак во интервјуто за ракометниот портал „balkanhandball” зборуваше за квалитетот на овогодишната организација, за успесите на Вардар како и за тоа што за него значи да се биде дел од „црвено-црниот” тим.
– Се беше одлично организирано. Презадоволен сум, ја оправдавме улогата на фаворити и стигнавме до трофејот. И во пресрет на турнирот кажав дека сме фаворити и дека тоа мора да го потврдиме на теренот и да ја освоиме титулата. Игравме навистина добро, можеби малку послабо во првиот дел од натпреварот, но во потсвеста размислувавме на дуелот со Флензбург во ЛШ. Сепак, во продолжението се средивме како во нападот така и во одбраната и стигнавме до посакуваната титула, изјави Прибак.
Во врска со плановите до крајот на сезоната, ракометарот на Вардар најавува голема борба како за титулата во домашното првенство, така и за дуелите со Флензбург во Лигата на шампионите.
– Мислам дека имаме сериозна работа и за тоа сме сите свесни. Борбата за „фајнал-фор” во Лигата на шампионите е пред нас. Сите нас ни ја дадоа фаворитската улога, но според мене не е така, затоа што Флензбург игра најубав ракомет во Бундеслигата, организирани се и имаат многу квалитетен тренер. И за титулата во домашното првенство нема фаворити. Според имињата ние можеби сме малку поквалитетни, но тоа се специфични натпревари и мора да бидете максимално подготвени за нив, вели Прибак.
Според него нема подобро место за играње ракомет од Вардар и тој се надева дека ќе го носи „црвено-црниот” дрес уште долго време.
– За мене подобро место за играње ракомет од Вардар никогаш не постоело, а јас тоа никогаш не сум го криел. Во еден дел од кариерата го напуштив Вардар, бидејќи ми беше потребна промена, но и понудата беше добра. Бев во Колубара и ја освоив титулата во шампионатот во Србија, од каде заминав во Франција. Металург во тој момент беше фаворизирана екипа со подобри ракометари и повеќе репрезентативци. Имав отворени врати да се вратам во Вардар, но на таков чекор се решив кога малку се промени атмосферата. За мене Вардар е најдобриот клуб во светот, завршува Немања Прибак.