Словенечкиот ски-скокач Петер Превц победи на денешниот натпревар од Новогодишната турнеја „Четири скокалници“, што се одржа во германскиот Гармишпартенкирхен.
Тој во двете серии имаше скокови со должини од 133,5 и 136 метри и собра вкупно 272,7 поени што му ја донесе и првата победа на една од скокалниците од Новогодишната турнеја.
Второто место по одличниот скок во втората серија го освои Кенет Гангнес од Норвешка. Тој освои 260,1 поен (скокови 132 и 134 метри). На третото место на подиумот се искачи Германецот Зигмунд Фројнд кој имаше скокови со должина од 133,5 и 132,5 метри и освои 256,8 поени.
По два одржани натпревара од Новогодишната турнеја води Превц со 572,6 поени, пред Фројнд кој има 564, а третопласиран е Австриецот Михаел Хајбек со 551,5 поени.
Во генералниот пласман Превц, за кого ова беше четврта победа сезонава е лидер со 724 бодови, пред Фројнд со 559.
Следниот натпревар ќе се одржи на 3 јануари во недела во Инсбрук.