На штандот на „Опел“, во четвртата хала на Белградскиот саем вчера свечена премиера имаше најновиот модел на овој германски производител – кабриолетот „Каскада“.
„Каскада“ пристигнува во Белград само две недели по светската премиера што овој кабриолет ја имаше на Саемот на автомобили во Женева 2013.
„Опел“ сакаше со моделот „Каскада“ на купувачите да им понуди поинаков концепт на возило со отворен покрив во однос на претходните верзии на кабриолет темелени на моделот „Астра“.
Заради тоа „Каскада“ нарасна на 4,7 метри должина, а место тврд доби платнен расклоплив покрив. На тој начин, германскиот производител ја продолжува традицијата на класичните, големи кабриолети од средината на минатиот век, како што беа „Опел Капитан“ или „Опел Рекорд“.
„Каскада“ има унапреден ХиПерСтрут на предното вешање, првобитно развиено за високоперформантната „Опел Инсигнија“, и прилагодлива ФлеџРиде шасија, со три подесувања (Стандард, Тоур и Спорт режими).
Подвижниот мек покрив се активира со помош на копче што се наоѓа меѓу предните седишта. Покривот се спушта (или покрева) во рок од 17 секунди, а оваа операција е можно да се изведе и при брзини од 50 километри на час.
Неговата вкупна тежина, со механизмот за покревање, изнесува околу 50 килограми, што е за 65 отсто помалку отколку кај тврдиот покрив на „Опел“ и достапен е во три бои – црна, црвена и Мока боја. Бојата на покривот може да се комбинира со десет нијанси на каросеријата, а автомобилот може да биде опремен со тркала од 17 до 20 инчи.
Кога се возите со отворен покрив, „Опел Каскада“ располага со багажен простор од 280 литри. Запремнината на багажникот се зголемува на 380 литри, кога покривот е покренат. Со оглед на фактот дека задните седишта можат да се преклопат (во однос 50:50), капацитетот на багажниот простор во тој случај достигнува 750 литри.
Во „Опел“ истакнуваат дека „Каскада“ е автомобил за секое годишно време, па и за зима. Покрај добрата тремичка изолација на покривот, на возачот на располагање му е и греење на воланот.
Екстремно крутата патничка кабина на „Каскада“ е направена главно од челик со голема цврстина, што ги минимизира деформациите и нуди максимален простор за преживување во случај на судар.
Вратите имаат дијагонално поставени челични столбови и засилени се во линијата на појасот, додека столбовите што го носат ветробранското стакло се направени од пресуван и кален челик.
За подобра заштита во случај на превртување на возилото, рол-бар елементите се автоматски, пиротехнички се активираат зад задните седишта.
„Опел Каскада“ во понудата има повеќе мотори. Тука е прво 1.4-литарскиот турбо бензинец со мануелен шестостепен менувач. Овој мотор е достапен во верзиите со 88 кв/120 кс и со 103 кв/140 кс. Двете верзии достигаат максимален обртен момент од 220 Нм благодарение на овербоост функцијата.
Врв на понудата на бензински погонски единици е 1.6-литарскиот СИДИ Турбо ЕКОТЕЦ бензински мотор. Овај мотор со средна величина со директно вбризгување развива сила од 125 кц/170 кс, меѓу 4.250 и 6.000 о/мин, и 280 Нм, а е дел од сосема новата генерација што дебитира во кабриолетот на „Опел“. Моторот може да биде поврзан со мануелен шестостепен менувач, во комбинација со Старт/Стоп системот, или со автоматскиот шестостепен менувач од новата генерација.
Максималната брзина на вака опремената „Каскада“ изнесува 222 километри на час, а забрзувањето од 0 до 100 километри на час се постигнува за 9,6 секунди.
„Опел Каскада“ во продажните салони пристигнува во април, а овој модел е можно да се нарача и на Саемот на автомобили во Белград, по почетна цена од 21.955 евра, за верзијата со 1.4-литарски турбо-бензински мотор.
МИА