Најголемата чешка автомобилска индустрија „Шкода Ауто“ ја претстави новата, трета генерација на автомобилот „Суперб“, кој е типичен претставник на возилата од средната класа, односно т.н. менаџерски автомобил, јави дописникот на МИА од Прага.
Новиот модел нема подобрувања само во дизајнот, кој делува елегантно и истовремено и спортски, туку и во техничките решенија.
Шасијата е поставена на платформа која во групацијата „Фолксваген“ се користи за автомобилите од средната класа како и „Фолксваген Пасат“.
Новата генерација „Шкода суперб“ нуди различни помошни системи, како што е асистентот за одржување на автомобилот во означените ленти на патот, помош за предупредување на автомобил, кој се наоѓа во т.н. мртва точка, како и систем за читање на сообраќајните знаци.
– Овој автомобил е показател на важниот столб на нашата стратегија за развој и кажува многу за иднината на нашата марка. Нашата цел е да привлечеме нови клиенти од приватниот и деловниот сектор, рече претседателот на компанијата Винфрид Вахланд.
Според Вахланд, „Шкода“ очекува за 25 проценти зголемена продажба на новата генерација, која ќе излезе на пазарарот на крајот на првото полугодие од годината.
Новиот „Суперб“ повторно е зголемен. Должината на каросериското „тело“ е продолжено за 28 милиметри, а ширината е поголема за 47 милиметри. Висината е речиси иста, зголемена е само шест милиметри.
За цели осум сантиметри е зголемено меѓуоскиното растојание.
Поголеми се и внатрешните димензии, има повеќе место за лактите на луѓето што седат на предните седишта и тоа за 39 милиметри, а позади, за 69 милиметри повеќе.
Идеално, сега може да седат позади и повисоки луѓе, со оглед на тоа што просторот над нив е зголемен за 25 милиметри.
Поголем е и багажникот. Кон постојните 595 литри се додадени уште триесет, а вкупната тежина на возилото е намалена за 75 килограми.
Новата „Шкода“ е побрза и поекономична, опремена со пет бензински и три дизел агрегати.
Најмоќниот дволитарски турбо четирицилиндричен мотор, кој го заменува досега користениот шестцилиндричен мотор ќе троши 7,1 литри бензин, што е за 2,2 литри помалку, од она што трошеше „Суперб“ со 3,6 ФСИ мотор.
Листата на опрема во подоцнежните верзии, за доплата ќе биде многу голема.
Се нуди клима уред со три зони, можност за отворање на огромен панорамски покрив, 230-волтен приклучок, можност за користење на вај фај, безжичен интернет и електронско отворање на багажникот.