Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими членовите на младата македонска ракометна репрезентација кои го освоија шестото место на Светското првенство во Алжир за играчи до 21 година.
– Очекувам исто како вашите постари колеги да продолжите со високи резултати за да се радуваме на сите ваши успеси, како во Европа, така и во светот. Многу сме горди на вас и посакуваме да имате исти успеси. Вие сте млади луѓе и пред вас стои извонредна спортска кариера, им порача претседателот Иванов на младите ракометари.
Тој посочи дека Македонија со последните успеси постанува ракометна сила и додаде дека се надева оти младите ракометари ќе ги надминат нивните постари колеги.
Селекторот Илија Темелковски, заблагодарувајќи се за приемот, рече дека е големо задоволство да се биде шести во светот и да се постигне најголемиот успех во македонскиот екипен спорт.
– Го постигнавме можеби најголемиот успех во колективниот спорт во Македонија и влеговме во самиот врв на светскиот ракомет. Зад себе оставивме големи репрезентации, светски велесили. Момците одиграа со срце, имавме тешки натпревари и заслужено сме онаму каде што сме. Мислам дека ќе продолжиме да се афирмираме преку младата репрезентација и дека ќе има уште вакви успеси, рече Темелковски.
Потсети дека и претходно Македонија имала млади ракометни репрезентации кои постигнале успеси на европските првенства.
– Добро е да се има континуитет. Задоволен сум што повторно добив извонредна генерација на ракометари кои се квалитетни. Многу помогна нивното искуство стекнато во Лигата на шампионите и СЕХА лигата, а на мене остана само да го извадам максимумот од овие ракометари, потенцира Темелковски.
Ракометарот Филип Кузмановски нагласи дека првенството било многу напорно и додаде дека иако биле добро физички подготвени темпото на игра и секојдневното играње натпревари придонело дел од натпреварите да ги одиграат полошо.
– Во претходните години немавме резултати какви што се очекуваа од нас. Ова светско првенство беше последно за дел од репрезентативците и мислам дека не мотивираше нас постарите играчи да дадеме се од себе. Тоа се покажа и на терен. Изигравме добро првенство. На дел од натпреварите потфрливме бидејќи немавме доволно време да се одмориме, а дел од играчите играа на секој натпревар по 60 минути. Сепак, никој не се штедеше и го даваше максимумот од првата до последната минута, изјави Кузмановски.
Голманот Мартин Томовски е задоволен од постигнатиот успех, но вели дека секогаш може и подобро.
– Среќни сме што ја имавме честа да го оствариме најголемиот колективен успех во Македонија. Не беше лесно, но почнавме да менуваме некои работи и да го искоренуваме македонскиот менталитет со тоа што прикажувавме одлична игра без разлика на начинот на кој го отворавме натпреварот, рече Томовски.
Постигнатиот резултат, потенцира, е голема мотивација за генерациите кои доаѓаат. – Нека им биде елан и ветер во грб да продолжат и да постигнат поголеми успеси од овие што ги направивме, рече Томовски.
Младите ракометни репрезентативци на скопскиот аеродром ги пречека и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски заедно со претставници на Ракометната федерација на Македонија и им честитаа за постигнатиот успех.
Во разговор со ракометарите Каевски напомена дека мора да се вреднува овој резултат.
– Агенцијата за млади и спорт ќе ги поддржи дополнително ракометарите, со цел да продолжат со континуираните резултати. Само така ќе покажеме вистинска грижа кон спортот, изјави Каевски.