Репрезентацијата на Србија е последниот полуфиналист во Светската лига во одбојка, откако синоќа во Рио го совлада светскиот првак Полска со 3-2.
Србите двапати губеа, со 0-1 и 1-2, но ги добија последните два сета и влегоа во борбата за врвот. Резултатот по сетови: 18:25; 25:22; 22:25; 25:22 и 15:13.
Полска играше без резултатски притисок, бидејќи веќе го имаше осигурано учеството во големата четворка.
Претходно САД ја победија Франција со 3-1 и влегоа меѓу четирите најдобри. Овој беше единствениот резултат што не му одговараше на домаќинот Бразил, кој иако важеше за еден од најголемите фаворити на турнирот, остана без пласман во полуфиналната фаза.
Токму САД и Србија го сочинуваат првиот полуфинален пар. Нивниот дуел денеска почнува во 15 часот.
Во второто полуфинале Полска и Франција ќе играат од 17:05 часот.