Во еден од најнеобичните вонсудски договори, Порше се обврза на сопствениците на одредени модели на оваа марка во САД да им исплати пари за купување на очила за сонце. Вонсудските договори не се реткост ни во авто-индустријата, со оглед на тоа дека и на производителите на автомобили им е важно евентуалните проблеми со купците да ги решат без многу галама и бранување. Сепак, деталите на еден таков договор стигнаа до јавноста.
Навикнавме на тоа во слични спорови да се зборува за суми кои се изразени во илјади и десетици илјади долари, евра… Меѓутоа, договорот кој Порше го постигнал со членовите на едно американско здружение на сопственици на автомобили со оваа марка, подразбира парична компензација во висина меѓу 50 и 175 долари, пишува Мотор Тренд.
Звучи неверојатно, но наведената сума ќе биде исплатена на сопствениците на Порше за купување на очила за сонце, пренесува Б92.
Имено, наведеното здружение го тужело германскиот производител затоа што командната табла на автомобилот рефлектира премногу светло на предното стакло и така ги заслепува возачите. Во тужбата се наведува дека тој проблем може да влијае на безбедноста во возењето и да предизвика сообраќајни несреќи.
Иако Порше во своето соопштение наведе дека поради тоа не е забележана ниту една несреќа во САД, сепак се согласи на сопствениците на автомобилите да им исплати одредена сума на пари, за да купат очила за сонце и да се заштитат од рефлексијата.
Право на надомест во висина од 50 до 175 долари имаат сопствениците на сите Поршеа во САД купени во периодот од 2007 до 2016 година, под услов ентериерот да им е изработен во една од следните нијанси: Cognac, Luxor Beige, Natural Brown, Platinum Grey или Sand Beige.