Стратешка определба на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија е четири часа неделно час по физичка култура, истакна директорот на Агенцијата магистер Лазар Поповски синоќа за медиумите во Кавадарци пред стартот на трибината посветена на физичката култура.
Одговарајќи на новинарско прашање Поповски рече дека две мултинаменски игралишта се планирани за изградба во Кавадарци од оние кои се влезени во програмата која се однесува на целата држава.
Поповски информираше дека јавната набавка на компании кои ќе ги вршат работите околу овие игралишта ќе биде завршена на 18 декември. Со почетокот на градежната сезона ќе продолжи овој проект, додаде директорот.
– Агенцијата за млади и спорт се грижи за две клучни вредности во Република Македониј а тоа се здравиот живот и патриотскиот дух пред се помеѓу нашите најмлади сограѓани. Мисијата ни е Република Македонија во годините што следат гордо да го носи епитетот спортска нација а тоа ќе го направиме со петгодишната програма за развој на спортот која е наша законска обврска и веќе е во Владина процедура и ќе биде на генералниот колегиум на 24 декември. Во не се опфатени многу стратешки цели меѓу кои секако предучилишниот, училишниот, универзитетскиот спорт. Со конкретни рокови и динамика. Со конкретни проекти како од 2013 до 2017 ќе се развива спортот во Република Македонија, рече меѓу другото Поповски на трибината во Кавадарци.
Трибината беше во организација на комисијата за спорт при Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци.