Репрезентацијата на Полска синоќа во првиот натпревар од третата групна фаза на Светското првенство во одбојка на светскиот првак Бразил му го нанесе првиот пораз на шампионатот. Полска во рамките на Х групата славеше со 3:2 (25–22, 22–25, 14–25, 25–18 и 17–15) по сетови.
„Кариоките“ освоија повеќе поени во натпреварот (105:103) што на крајот е слаба утеха по поразот.
Во оваа група вечерва се игра нов дерби дуел Бразил – Русија, откако овие две селекции играа во неделата и победа од 3:1 постигна Бразил.
На првиот натпревар од Г групата, Франција ја совлада Германија со 3:0. По сетови мечот беше (25-15, 26-24 и 25-15).
Вечерва Германија за противник го има Иран. Почетокот на двата дуела е во 20:25 часот.
Двете првопласирани селекции од групите ќе играат во полуфиналето, а трето пласираните ќе се борат за петтото место.