Од утре почнува скијачката сезона на Пелистер. ЕЛЕМ Турс информира дека од девет часот за посетители ќе биде отворен Ски-центарот „Копанки“. Во функција ќе бидат ставени двете жичарници и ски-лифта.
Скијачкиот центар е целосно подготвен и екипиран за непречено и безбедно функционирање на ски-терените. Спроведени се редовните технички подготовки и активности за почеток и тек на новата скијачка сезона, извршено е обележување на постојните патеки, а скијачките терени се подготвени со помош на машините за подготовка на скијачките патеки.
Цените, како што наведуваат во соопштението, остануваат непроменети. Сезонскиот билет е 4.000 денари, дневен билет 300 денари, тридневен 600 денари, билет за едно возење со жичарница 100 денари, а тридневен пакет аранжман од три полни пансиони во хотел „Молика“ и тридневен ски билет е по цена од 5.500 денари. Новина од оваа година е можноста за користење на услугите на снеготапкач по цена од 6.500 денари од час.
Работното време за ски центарот Копанки е од 9 до 15,30 часот.