Во тек е одржувањето на шестата по ред спортска манифестација насловена „Рели Калин Камен 2014 година“.
По традиција и годинава организатори се општина Крива Паланка и здружението на граѓани Авто мото клуб „Off Road Osogovo“, а релито се одржува секоја година на 24 мај во чест на светите браќа Кирил и Методиј, македонски и сесловенски просветители.
Атрактивноста на патеката во должина од 64 километри, која во најголем дел поминува низ прекрасните предели на Осоговските Планини и годинава прилече оклу 100 учесници кои ќе се натпреваруваат со џипови и моторцикли.
Изутринава стартот беше од плоштадот во Крива Паланка, потоа конвојот кај селото Мождивњак сврте лево и се упати кон падините на Осоговските Планини со кратка пауза кај браната „Злетовица“.
На Царев врв (2.085 м.) предвидена е пауза и средба со учесниците од соседните општини од Североисточна Македонија.
Караванското возење ќе продолжи кон туристичко-рекреативниот центар „Калин Камен“ и со крајна дестинација во манастирскиот комплекс „Свети Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка, каде по заедничкиот ручек ќе бидат врачени благодарници за учество на релито.
Релито има ревијален карактер и се одржува под мотото „Да ги запознаеме убавините на Осоговските Планини“ со цел манифестацијата да прерасне во традиционална од меѓународен карактер, препознатлив спортско-туристички продукт кој ќе генерира позитивни ефекти врз економскиот развој на Егри Дере.