Најмалиот „МекЛарен“ на британскиот производител на суперспортски автомобили, моделот „570С“, почна да се произведува во фабриката во Вокинг, во Англија.
Првиот автомобил од спортската серија „МекЛарен 570С Купе“, беше претставен во март 2015 година, а на пазарот треба да му се спротивстави на моделот „Порше 911 Турбо“.
Со овој модел „МекЛарен“ има намера да привлече поширок круг купувачи отколку што тоа досега беше случај. Производителот сака на вљубениците во спортското возење да им овозможи да поседуваат автомобил што ќе им нуди чувство дека го возат било кој друг модел на „МекЛарен“, но само по пониска цена.
За погон е избран 3.8-литарскиот В8 мотро, што развива 570 кс (419 кW) и 600 Нм максимален вртежен момент.
Мотор е поврзан со седумстепен автоматски ССГ менувач. Автомобилот е тежок само 1.313 килограми и е во состојба од 0 до 100 километри на час да стигне за само 3,2 секунди, додека за забрзување до 200 на час се потребни 9,5 секунди.
Максималната брзина изнесува 328 километри на час.
„МекЛарен“ најави дека на моделот „570С“ наскоро ќе му се придружи и моделот „540Ц“ што ќе располага со 540 кс (397 кW) и 540 Нм.
Компанијата веќе примила над 1.000 нарачки за двата модела. Во Велика Британија „МекЛарен 570С“ ќе чини 143.250 фунти (околу 200.000 евра), а „540Ц“ ќе има цена од 126.000 фунти (околу 175.000 евра).