Богата програма имаше ноќеска во НБА лигата каде на програмата беа 12 натпревари. Мемфис и натаму има најдобар биланс, додека Сан Антонио и Оклахома Сити ја постигнаа 16.та победа оваа сезона. Во дерби дуелот Оклахома го совлада Лос Анџелес Лејкерс.
Оклахома Сити ги совлада Лејкерси со 114:108. Брилјираа ѕвездите на домашните Кевин Дурант со 36 поени, девет скока и четири асистенции како и Расел Вестбрук со 33 поени и осум асистенции.
Втората четвртина Оклахома ја доби со импресивни 41-26, и на полувреме заминаа со водство од 67-53. Вестбрук до тој момент веќе имаше забележано 27 поени. Во последниот период Лејкерси со серија од 27-12 го направија мечот поинтересен. Иако на минута и 32 секунди пред крајот беа во минус од 12 поени, сепак дојдоа на само четири поени на 15 секунди до крајот. Но, Кевин Дурант искористи две слободни фрлања со кои го постави конечниот резултат.
За Лејкерси Коби Брајант постигна 35 поени, Двајт Хауард реализираше 23 поени со 18 скока, додека резервистот Џоди Микс – 17 поени.