Најдобриот македонски автомобилист, Игор Стефановски – Иџе ја забележа втората победа во групата Н во втората трка од Европскиот шампионат на ридски патеки што се возеше на патеката во Рехберг, Австрија.
Откако пред две недели триумфираше во групата Н на првата трка во Франција, Иџе го повтори успехот и во Австрија со уште поубедлив триумф.
Сите дилеми Иџе ги разреши во првото возење кога со постигнатото време од 2:22.651 минути ги остави три, односно четири секунди зад себе најголемите конкуренти Чесите Јиржи Лос и Оскар Бенеш. Во второто возење само ја потврди победата со време од 2:23.173 минути.
Севкупно, во групата Н, најдобар беше домашниот возач Ханс Зенс со две возења од 2:21 минути, но тој се натпреварува само за австрискиот шампионат поради различната хомологација на неговото возило од онаа која важи за Европското првенство. По двете победи во својата група, Стефановски води во генералниот пласман на почетокот на шампионатот.
– Имав перфектно прво возење што ми беше за секунда побрзо од најдоброто извозено лани. Во второто возење малку излизгав на една од шиканите, но за среќа го исконтролирав возилото и избегнав излетување, изјави Иџе.
На трката во Австрија настапија преку 140 возила кои се натпреваруваа во различни шампионати. За Европското првенство се бодуваа преку 80 возила, а во групата Н, освен Стефановски учествуваа уште 14 натпреварувачи од Чешка, Австрија и Италија.
Севкупен победник, исто како и во Франција, беше Италијанецот Симоне Фаџиоли со прототип Норма М20 со возења од 1:55,7 и 1;55,3.
За две недели следува третата трка од првенството што ќе се вози на патеката Рампа дел Фарпера во Брага, Португалија.