Со општинска Плакета за особени заслуги во спортот, градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, му го честиташе успехот на младиот Христијан Димитриевски, кој на Светското карате првенство за кадети и јуниори во Тенерифе, Шпанија, освои петто место во кати – екипно.
– Чест е да се биде во присуство на исклучителни личности кои со своите достигнувања ја претставуваат општината и државата, кои со своите квалитети и потенцијали и лични заложби ги прават горди нивните родители, тренери, но и сите нас. Го поздравувам овој голем светски успех, но и сите досегашни успеси на Димитријевски, со желби да продолжи да постигнува уште поголеми резултати во иднина, порача Мицевски.
Димитријевски беше дел од националниот ката-тим кој во Тенерифе од 25 до 29 октомври освои две петти места и неколку пласмани во 4 – то коло на големото натпреварување од светски ранг.
Градоначалникот ги прими претставниците на карате клубот „Шампион“ каде Димитријевски ги стекна основите на карате спортот и со помош на тренерите Жарко Ангеловски и Стевче Христовски.
На средбата Мицевски се запозна со состојбите во спортот, тековните активности на КК „Шампион“ и со нивните досегашни успеси на локално, национално и меѓународно ниво, а беа договорени и следните чекори за соработка и поддршка на активностите на клубот.