Поранешниот победник на Тур де Франс и петкратен олимписки шампион во велосипедизам, Британецот Бредли Вигинс (45) во интервју за „Обсервер“ призна дека години по завршувањето на неговата кариера беше зависен од кокаин.
„Имаше многу кокаин. Имав навистина голем проблем. Бев функционален зависник. Луѓето немаше да го разберат тоа. Најчесто се дрогирав. Одев по јаже. Сфатив дека имам огромен проблем. Морав да престанам. Среќен сум што сум тука”, вели тој.
Вигинс, татко на две деца, сега е „чист“ веќе 12 месеци, редовно оди на терапија и се чувствува многу помирен со себе.
„Имаше моменти кога мојот син мислеше дека ќе ме најдат мртов наутро“, додаде тој.
Вигинс откри како колегата велосипедист Ленс Армстронг му помогна да закрепне.
„Мојот син многу зборуваше со него“, изјави Вигинс за Армстронг, кој во 2013 година призна дека со години бил на допинг и доби доживотна забрана за трки.
Вигинс стана првиот Британец кој ја освои престижната Тур де Франс во 2012 година, а помеѓу 2004 и 2016 година се истакнал на Олимписките игри, освојувајќи пет златни, сребрени и два бронзени медали.
Откако ја заврши кариерата во 2016 година, западна во лични проблеми, долгови и зависност од дрога.
„Мило ми е што сум овде со вас денес. Со години сум жртва на сопствените лоши одлуки“, изјави Вигинс.