Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески денес во спортската сала во Гимназијата “Јосип Броз Тито” во Битола, свечено го отвори државното првенство во одбојка за жени за средни училишта, кое се организира во рамките на државните училишни спортски игри.
„Агенцијата за млади и спорт и Владата посветуваат сериозно внимание на развојот на училишниот спорт и во таа насока, АМС секоја година доделува по 500 стипендии за млади и талентирани спортисти до 20 години, а најдобрите од училишните спортски игри се наградуваат со еднонеделна посета на Училишниот спортски камп, кој секоја година се организира во познато туристичко место, каде учениците имаат можност да се дружат со нивните спортски идоли“ изјави директорот Спасески, порачувајќи им на учениците напорно да работат и тренираат, бидејќи за да се биде успешен во спортот неопходна е упорност, волја и многу работа.
Тој им посака во фер и коректна атмосфера да победат најдобрите.
На натпреварот учествуваа преку 70 ученички од сите региони во државата, а за најдобрите е обезбедено учество на летниот училишен спортски камп 2016.