Концептот на пик-ап возилото „Санта Круз“, што беше претставен во 2015 година, доби зелено светло за сериско производство, но компанијата „Хјундаи“ ќе го почека вистинскиот момент и официјално да ја соопшти оваа вест, дознава сајтот „Моторинг’.
„Хјундаи“ е уште еден од производителите кои ќе имаат свој претставник во сегментот на камионети или пик-ап возила, што особено е популарен во Северна Америка.
Информацијата за новиот модел на корејскиот производител пристигнува од Детроит, градот што деновиве е светска автомобилска престолнина благодарение на најголемиот северноамерикански авто-салон.
Првиот човек на компанијата „Хјундаи Мотор Америка“, Дејв Зухоњски, во разговор за „Моторинг“ изјави дека вистинското прашање во врска со пик-апот не е „дали“ туку „кога“.
Тој потврди дека одлуката за сериското производство е донесена во компанијата и дека само се чека официјално соопштение со детали за новиот модел.
„Хјундаи Санта Круз“ нема да се продава само во САД, туку ќе биде пласиран и на другите светски пазари.
Се очекува идниот пик-ап да биде темелен на механичката платформа што ја користи новиот „Тусон“, додека дизајнот во голема мера ќе биде пренесен од концептната верзија, со што е можно помали измени.