Германската компанија „Опел“ објави први официјални фотографии од новата изведба на моделот „Астра“, чија премиера ќе биде на Саемот на автомобили во Франкфурт во септември.
Според првичните информации поради користење на новата „Џенерал моторс“ платформа, новата Астра според димензиите ќе биде помала од претходната генерација. Должината е намалена за 4,9 сантиметри и изнесува 4,37 метри, висината за 2,6 сантиметри на 1,48 метри и ширината ќе изнесува 1.82 метри. Меѓуоскиното растојание, исто така, е намалено за 2,3 сантиметри на 2,66 метри.
Сепак, од Опел тврдат дека новата Астра ќе има многу повеќе простор во кабината, а како пример се наведуваат дополнителните 3,4 сантиметри простор за нозете на патниците на задната клупа.
Понудата на мотори ќе биде составена од шест агрегати, по три бензински и дизел мотори од 105 до 200 коњски сили кај бензинските и од 95 до 170 коњски сили кај дизелските мотори.