Македонија ќе биде посилна, дефинитивно, во новиот претквалификациски циклус, сега за пласман на Европското првенство кое во 2029 година ќе се одржи во четири различни земји: Естонија, Словенија, Шпанија и Грција.
Селекторот Марјан Илиевски и неговите соработници го дочекаа „враќањето“ на играчи како Војдан Стојановски, Стојан Ѓуроски, на Андреј Јакимовски кој „школувањето“ во САД го замени си професионално играње во Италија и настапи во Еврокупот…
Но од овој ноември, стручниот штаб го има на располагање и Омари Мур, еден од најдобрите играчи на шпанскиот евролигаш Валенсија во овој момент.
Мур не губеше време, по настапот за неговиот тим (убедлива победа над минхенски Баерн), пристигна во Скопје, го одработи и првиот тренинг со своите репрезентативни соиграчи.
Стигна и да ги сподели своите први импресии по доаѓањето во нашиот главен град и во репрезентативната „база“, во хотелот „Александар Палас“.
„Целиот тим ме пречека одлично, а на тренинзите се запознав со играта која ја бара тренерот и едвај чекам да заиграм на натпреварот со Азербејџан. Се чувствувам одлично, возбуден сум за новиот предизвик“ – вели Мур кој ја доби довербата на селекторот Илиевски, и вечерва ќе го облече дресот со националните обележја на Македонија.
Очекува доста од вечерашниот натпревар, прв за него за нашата најдобра селекција:
„Ме очекува деби во дресот на Македонија… Првите натпревари се секогаш непредвидливи затоа што за тебе ова е нешто ново, но и доста интересни. Се надевам на добар натпревар. Игра по планот и добар меч за навивачите кои ќе дојдат да ни дадат голема поддршка. Среќен сум што станав Македонец и ги повикувам сите да дојдат во сала на натпреварот кој ни следи“ – порачува новиот македонски репрезентативец пред вечерашниот натпревар во СРЦ „Кале“.
