Јапонската економија ќе претрпи загуби од 150 милијарди јени, или, 1.37 милијарди долари поради одлуката Олимписките и Параолимписките ирги во Токио да се одржат без навивачи од странство, пресметаа економистите од Институтот „Номура“.
Нивните пресметки се темелат врз анализа на домашниот пазар и нивото на потрошувачка на странските туристи пред почетокот на пандемијата на коронавирус.
Најпогодени од забраната ќе бидат хотелите и рестораните, а можни се и дополнителни економски штети доколку организаторите на Олимписките игри (ОИ) одлучат да го ограничат бројот на јапонски гледачи на олимписките арени.
Поради дополнителните трошоци поврзани до ланското одложување на Игрите и мерките за заштита од коронавирус, буџетот за одржување на Олимписките и Параолимписките игри во Токио порасна и сега изнесува рекордни 15.9 милијарди долари.
Во саботата, Организацискиот одбор на Игрите во Токио во договор со Меѓународниот олимписки комитет и Меѓународниот параолимписки комитет одлучи двете олимписки манифестации да бидат одржани без присуство на публика од странство. Парите за билетите што веќе им се продадени на странски државјани ќе бидат рефундирани.