По осми пат во Прилеп се одржува меѓународната планинска трка „Крали Марко Треилс“. Околу 400 натпреварувачи од 21 земја ги трчааат трите планински маратони со старт од амфитеатарот во најстарата прилепска населба Варош, преку Марковите кули па се до Козјак и назад.
Од изутрината учесниците ги трчаат трките на 67, на 34 и на 18 километри.
Според Игор Јовановски од спортското здружение „Трекс“ кое со општина Прилеп е организатор на оваа веќе традиционална меѓународна трка, интересот за учествово на една од најпознатите и најорганизирани планински трки е двојно зголемен.
– Се повеќе имаме учесници зашто расте свеста за спортско-планинско трчање како здрава активност, а особено привлекува внимание природата, архитектурата во околината на Прилеп. Пред три години имавме околу 200, а сега 400 учесници. Прва беше изутрината најдолгата трка од 67 километри преку Марковите кули до манастирот Трескавец, кај Дабница, преку ридот Кукол, па Прилепското езеро, Плетвар до Козјак, па Крстец, Присад, пак Прилепското езеро, под врвот Единак и назад Дабница, Трескавец и пак во Варош, каде е финишот, рече Јовановски.
Учесниците имаат висинска разлика од 3.600 метри и имаат 15 часа да ја завршат трката. Втората трка од 34 километри е преку Трескавец, Дабница, Прилепското езеро, Единак, пак Дабница, преку Наковална до Варош, а третатат трка од 16 километри е до манастирот Трескавец и назад во Варош.
На повеќето учесници, особено оние што трчаат на најдолгата и најтешка планинска маратонска трка од 67 километри не им е прво учество и велат дека се фасцинирани од пределите
– Вторпат учествувам. Лани трчав 65, годинава 67 километри. Околината е прекрасна. Тука сум да трчам, да уживам во планините и глетката, да се забавувам, изјави Гранит Вокши од Косово.
Синиша Станковиќ од Врање рече дека четврти пат учествува и додаде оти е задоволен, пределот е прекрасен и предизвик е да се трча.
– Потребни се тренинг, љубов и голема волја. На Балканот овој вид трки се во експанзија, воодушевено објаснува Станковиќ.
Големи впечатоци има и Картер Сондерс од САД, кој вторпат е тука. Според него, организацијата е одлична, а местото е прекрасно.
Катерина Шиповиќ од Скопје смета дека ова е најдобрата трка во Македонија.
– Планинскиот маратот „Крали Марко“ е најдобро организиран и наубави се пределите. Но, трката, секако е тешка па потребни се тренинг и подготвеност. Со себе да се носи храна, облека зашто е свежо, а по пат има навигација, вели Шиповиќ.
Дејан Тодевски од Скопје нагласи дека првата планинска трка ја имал токму во Прилеп и очекува добар пласман.
– Токму во 2014 година овде првпат трчав планински маратон. Имам убави резултати, лани го освоив третото место, а годинава очекувам уште подобар пласман. Околината е фасцинантна, предизвикот е голем и поминуваме низ неповторливи предели, вели Тодевски.
Успешна трка на учесниците им посака и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.
– Треба да уживате во прекрасните предели на Марковите кули, Трескавец и Козјак и останатото природно и културно наследство што го нуди прилепската околина. Нека оваа рекреативна планинска трка биде во духот на здравјето, на спортот, затоа што гледам млади луѓе, рече градоначалникот Јованоски.
Здружението „Трекс“ и ПСД „Макпетрол“ вложија напори за да организираат успешна трка и на натпреварувачите да им овозможат услови за непречено и безбедно да ги истрчаат предвидените трки.
Според организаторите, „Крали Марко Треилс“ претставува спортско-рекреативен настан, кој на уникатен начин ја претставува македонската култура и придонесува за развој на спортот и авантуристичкиот туризам во нашата земја.
Трките „Камена Баба“ и до Козјак се бодуваат за најпознатиот светски ултра маратон до „Мон Блан“.